„Во Челси никогаш нема да научиш ништо“

Поранешниот англиски репрезентативец Гери Линекер верува дека Челси направи грешка со тоа што го отпушти Френк Лампард.

Лампард доби отказ од сопствениците на Челси и тој е десетти отпуштен тренер во ерата на Роман Абрамович, кој го презеде клубот во 2003 година.

Клупската легенда беше отпуштена по низата слаби резултати и по 18 месеци водење на тимот. И само еден ден порано по победата над Лутон со 3-1 во ФА купот, Лампард зборуваше за безрезервната поддршка што ја имал во клубот.

“Постојат извештаи дека Лампард ќе биде отпуштен. Крајно комично по првата серија на лоши резултати. Отсекогаш беше јасно дека ќе му треба многу време за да ги вклопи сите овие засилувања во клубот. Трпението како доблест веќе не постои во овој спорт. Никогаш не учат. “, напиша Линекер откако дозна дека отказот на Лампард е неминовен.

Многу навивачи не се задоволни затоа што клубот само ја отпушти легендата, а засега не е познато кој ќе го наследи. Според некои извештаи, најблиску до тоа е поранешниот тренер на Борусија Дортмунд и ПСЖ, Томас Тухел.

Post Author: aleksandar