Ансу Фати е на чекор до израмнување рекорд стар 87 години

Младиот и талентиран фудбалер на Барселона, Ансу Фати на фантастичен начин ја започна новата сезона во Ла Лига.

17 годишниот офанзивец во првите две кола веќе запиша три погодоци со што дојде до вкупна бројка од 11 голови во сениорскиот тим на Барселона.

Со оваа бројка на голови, Фати се изедначи со Бојан Кркиќ како играч кој стигнал до толку постигнати погодоци пред да наполни 18 години, а сега брка еден рекорд стар цели 87 години.

Само еден погодок му е потребен на Фати за да го израмни рекордот на Пабло Помбо Кинтања кој датира уште од сезоната 1933/34.

Уште откако дебитираше во дресот на „каталонците“ под водство на Ернесто Валверде, Фати почна да крши рекорди во Барселона. Стана најмладиот играч на Барселона кој дал гол во Ла Лига и во Лигата на шампионите, а по неговото деби во шпанскиот национален тим стана и најмладиот стрелец на гол за „фуријата“.

Доколку продолжи вака дефинитивно ќе биде постојан прв избор на Роналд Куман во нападот и ќе ги потисне нешто повозрасните Осман Дембеле и Франциско Тринкао кои чекаат шанса да настапат на неговата позиција.

Post Author: aleksandar