Која е првата голема разлика во Барса под водство на Куман?

Серхи Роберто стави точка на тешката победа која ја извојува Барселона на „Балаидос“, триумф кој има навистина големо значење за каталонскиот гигант ако се знае дека повеќе од едно полувреме играше со играч помалку.

Селта Виго е традиционално непријатен противник за Барса во Примера, но изминатава вечер, тимот на Куман и со играч помалку се бореше за секоја топка и на крајот постигна два гола со 10 фудбалери на теренот.

Роберто беше човекот кој откри дека играчите на Барса немале желба за фудбал по историскиот дебакл од Баерн Минхен во Лигата на шампионите, но сега посочува дека истиот пораз ги натерал фудбалерите да сфатат едно нешто. Истото се однесува на комплетната подготовка пред натпреварите, пред се мислејќи на физичката издржливост на играчите, која посебно дојде до израз во дуелот против Баерн.

Серхи сега открива дека главната разлика во тимот на Куман е токму физичката подготовка, на која Холанѓанецот најмногу работи откако го презема првиот тим.

– Беше важно да докажеме дека имаме желба за надигрување и со играч помалку. Покажавме лице и со 10 играчи, се чувствува дека сме многу сплотени. По тоа што се случи со Баерн, сфативме дека со таква форма и подготовка не стоиме добро на натпреварите. Работевме многу напорно во пресезоната и сега се чувствува тоа на натпреварите. Сите се боревме до последната минута и остваривме голема победа, – изјави Роберто.

Post Author: aleksandar